на 11 мај 2025 година ќе ги одржи првите парламентарни избори откако формално ги започна преговорите за пристап во Европската Унија во јули 2022 година. Премиерот Еди Рама и неговата владејачка Социјалистичка партија (СП) бараат историски четврти мандат, додека опозицијата е фрагментирана, со Демократската партија (ДП) како втора најсилна политичка сила, следена од помали политички партии и движења, објави DW.
Овие избори се сметаат за одлучувачки момент за демократскиот пат на Албанија, нејзината посветеност во борбата против корупцијата и нејзината долгогодишна аспирација за влез во ЕУ.
Кампања заснована на пристапување во ЕУ
Социјалистичката партија ја започна својата изборна кампања на 12 април напладне, на плоштадот Скендербег, со многу симболика. Во центарот на бината имаше рака со пет испружени прсти и знамето на ЕУ, но со 12 ѕвезди, кои требаше да го нагласат 12-годишното владеење на СП и да испратат централна порака дека интеграцијата во ЕУ е главната политичка цел на оваа партија. Слоганот „Албанија 2030 во ЕУ“ дополнително ја нагласува оваа порака.
„Само ние ја држиме европската иднина на Албанија во наши раце“, рече премиерот Рама, повикувајќи ги гласачите да ја поддржат СП, која, според него, е единствената политичка сила способна да постигне членство во ЕУ.

Дали СП може да гарантира членство во ЕУ?
Сепак, политичките аналитичари тврдат дека членството во ЕУ е првенствено технички процес, заснован на исполнување на конкретни критериуми поставени од Брисел. Овие критериуми ги надминуваат политичките слогани и бараат одржливи институционални реформи.
„Користењето на интеграцијата во ЕУ како изборна порака го поткопува вистинското значење на процесот, бидејќи Албанија треба да спроведе реформи, да изгради функционално владеење на правото, да се бори против корупцијата и да претрпи широка социјална трансформација“, изјави за ДВ политичкиот аналитичар Африм Красниќи, директор на Албанскиот институт за политички студии.
„Ова ветување е спектакуларен пристап“, додава Елвин Луку, професор по комуникации на Универзитетот во Тирана. „Дванаесет години на власт ја исцрпија оваа влада, така што ветувањето за ЕУ-пасош изгледа како единствената преостаната опција за зајакнување на кампањата“, оцени тој за ДВ.
Поделената опозиција сега е обединета
„Ова е најсилната коалиција што Албанија ја видела во последните 32 години“, изјави во март Сали Бериша, поранешен премиер и водач на Демократската партија (ДП), претставувајќи го сојузот на опозициските партии наречен Алијанса за величествена Албанија.
Во обид да ја добие довербата и поддршката од гласачите на 11 мај, оваа алијанса ветува подобрување на животниот стандард на граѓаните, со предлози како зголемување на просечната плата на 1.200 евра и зголемување на пензиите за 20%.
Сепак, по 12 години во опозиција и со неколку поделби во ДП, овој сојуз сѐ уште се соочува со бројни предизвици.

Обвинувања за корупција
Иако ослободувањето на Сали Бериша од домашен притвор, откако албанското судство покрена обвиненија за корупција, накратко ја оживеа базата на ДП, поранешниот премиер остана под истрага. Тој, исто така, се најде под санкции од САД и Велика Британија за корупција и поткопување на демократијата, што го ограничува неговиот кредибилитет на меѓународна сцена.
Сојузникот на Бериша, Илир Мета, поранешен претседател и лидер на Партијата на слободата, мораше да остане во затвор. Тој беше уапсен во 2024 година под обвинение за корупција и перење пари.
Според Африм Красниќи, листата на опозициски кандидати јасно укажува дека целта на опозицијата повеќе е да обезбеди имунитет и заштита на лицата под истрага, а помалку да ја реформира самата партија.
Новите партии сакаат да ја размрдаат албанската политика
Во политичкиот пејзаж во кој долго време доминираат СП и ДП, во изборна трка влегоа неколку нови партии, обидувајќи се да понудат реформска алтернатива.
Меѓу нив се Левизја Башке (Движење заедно) – левичарско движење со корени во граѓанскиот активизам; Шќиперија бехет (Создавање на Албанија) – партија родена од антикорупциската борба и Мундесија (Можност), предводена од претприемачот и поранешен пратеник Агрон Шехај.

Иако резултатите од анкетите сугерираат дека овие нови партии имаат ограничени шанси за некакво поголемо влијание, аналитичарите сметаат дека нивното учество е позитивен развој на албанската демократија.
„За првпат гледаме нови партии кои не се ограноци на старите, туку на гласачите им нудат нови алтернативи. Ова помага политиката да се направи помалку централизирана“, вели Красниќи.
Измени во изборниот закон
Неодамнешните измени на изборниот закон воведоа форма на преференцијално гласање, дозволувајќи им на гласачите да ги изберат кандидатите што ги претпочитаат во рамките на партиската листа.
Сепак, останува едно клучно ограничување: една третина од секоја листа останува затворена, што значи дека рангирањето на кандидатите во овој дел го одредуваат партиските лидери и не може да се менува од страна на гласачите. Накусо, тие кандидати имаат сигурни мандати.
Политичките аналитичари тврдат дека она што изгледа како отворање за гласачите е всушност механизам кој ја зајакнува контролата на партиското раководство и ја ограничува вистинската конкуренција.
Според Африм Красниќи, политичкото ривалство сега се одвива во партиите, со што се намалува конкуренцијата меѓу спротивставените партии.

Закана за правосудниот систем?
Додека главните политички партии во Албанија во кампањата ветуваа дека ќе го зајакнат владеењето на правото и ќе се борат против корупцијата, нивните листи на кандидати раскажуваат поинаква приказна.
И владејачката Социјалистичка партија и опозициската Демократска партија имаат кандидати, кои во моментов се под истрага од страна на албанската Специјална структура против корупција и организиран криминал (СПАК).
Според податоците на граѓанската организација Ќендреса Ќутетаре, под истрага се 15 кандидати од СП и ДП, од кои седум се на позиции со сигурни мандати.
Иако ова технички не го прекршува законот, политичките аналитичари тврдат дека тоа претставува поткопување на правосудниот систем.
„Вклучувањето, од страна на големите партии, на кандидати кои се под кривична истрага, е чекор наназад за демократијата во Албанија“, оценува Ригелс Џемолари, извршен директор на организацијата Ќендреса Ќутетаре.
„Некои од имињата на списоците се членови на семејства на познати криминалци или поединци кои претходно биле отстранети од политиката согласно законот за декриминализација“, додава тој.
Џемолари предупредува дека овие кандидати, доколку бидат избрани во парламентот, би можеле да одиграат значајна улога во поткопувањето на правосудниот систем. Во меѓувреме, СПАК објави дека во моментов истражува 35 случаи на изборна измама.