Берин Мухамед
, ученик во втора година во скопската Гимназија „Зеф Љуш Марку“, е нов претседател на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, откако денеска беше избран за оваа позиција од делегатите на третиот конгрес на Сојузот.
Тој добил 54 проценти од гласовите, а неговата противкандидатка, Ива Трпески, средношколка од Средното училиште „Мирко Милески“ од Кичево, добила 46 проценти од гласовите.
Новиот средношколски лидер изрази задоволство што Сојузот е обединет и соопшти дека ја поканил противкандидатка Трпески за прва потпретседателка на Сојузот. Мухамед најави дека како средношколец и младински активист ќе работи на унапредување на заложбите и работата на неговиот претходник и на другите досегашни лидери на средношколците, пренесе МИА.
Мухамед има двегодишен мандат да го предводи Средношколскиот сојуз. Тој досега беше дел од Извршниот одбор на Сојузот и координатор на младинските амбасадори.
Досегашниот претседател на Сојузот, Лука Павиќевиќ, соопшти дека на Конгресот учествувале повеќе делегати од територијата на цела држава со опфат на сите статистички региони. Тој истакна дека повеќето учесници присуствувале физички, а дел, кои биле спречени да дојдат, гласале онлајн.
извор: МИА.
фото: Сојуз на Средношколци