Бугарските европратеници инсистирале „да се споменат и други случаи на антибугарска политика во Македонија“

Случајот со првостепената условна казна за Љупчо Георгиевски, претседател на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, да биде вклучен во извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот Македонија кон ЕУ – побарале бугарските европратеници.

Извештајот треба да се гласа во Комитетот за надворешни работи на ЕП на 24-ти јуни. Еднаш веќе беше одложен, откако бугарските европратеници кренаа тензии околу спомнувањето формулации „многувековен македонски идентитет“ и „македонски јазик“, а бараа и истрага за начинот на кој до Скопје наводно протекле работни текстови и детали од извештајот.

Бугарските европратеници предложиле амандмани на Извештајот со кои се осудува првостепената пресуда за Георгиевски и инсистирале да се споменат и други случаи на антибугарска политика во Македонија.

„Ние предложивме амандман со кој се бара Љупчо Георгиевски веднаш да биде ослободен од секакви судски процеси и во овој амандман остро ги осудуваме овие обиди на судската власт, инспирирани од политичари, Љупчо Георгиевски да биде подложен на таа судска самоволност“, ја пренесе БНТ изјавата на европратеникот Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕНП).

Тонин: Не знаев дека ова е толку голем проблем
Еден од известувачите во сенка – Матеј Тонин од Словенија, коментирал дека случајот Георгиевски не може да биде вклучен во извештајот, бидејќи пресудата била донесена откако текстовите веќе биле подготвени. Според него, Бугарите немале причина да бидат загрижени.

„Прво, сакам да нагласам дека овој извештај е многу балансиран, дури на некои места е многу пробугарски, бидејќи ги вклучува сите бугарски ставови. На пример, дека Северна Македонија треба да го промени својот устав и треба да ја вклучи бугарската заедница во основниот закон. Постои јасна референца за говорот на омраза и заплашувањето на Бугарите. Македонската влада треба да се справи со ова“, изјавил Тонин.

Тој посочил дека никаде во извештајот не се зборувало за древен македонски јазик или идентитет.

„Во однос на македонскиот јазик и идентитет, јас не знаев дека ова е толку голем проблем во Бугарија. Слушнав од некои бугарски колеги, дека македонскиот јазик бил само дијалект на бугарскиот, но треба да кажам, дека не е работа на европратениците или на ЕП да одлучуваат. Тоа е задача на лингвистите или историчарите. Ние ја оценуваме сегашната ситуација во Северна Македонија и зборуваме за сегашниот македонски јазик и идентитет“, образложил Тонин.

Една дебата – многу пораки
Ова не е единствениот повод поради кој Македонија се најде во дискусии на бугарски европратеници. Таа била спомната и на дебата во ЕП за „институционалните и политичките импликации од процесот на проширување на ЕУ во контекст на актуелните глобални геополитички предизвици“, при што била спомната идејата за носење одлуки со квалификувано мнозинство а не со консензус.

„Европската комисија (ЕК) повикува повеќе одлуки во Советот на ЕУ да се донесуваат со квалификувано мнозинство, а не едногласно. Зборувајќи во име на ЕК од говорницата на Европскиот парламент на дебатата во Стразбур посветена на проширувањето на ЕУ, еврокомесарката Екатерина Захариева истакна дека треба да бидат земени предвид и загриженостите на поединечните држави во ЕУ при гласањето за одлуките“, пренесе БТА.

 

 

DW