Влада: Северна Македонија се придружува кон ЕУ со санкциите кон Руската Федерација

На денешната 17-та седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина со препорака за придружување на Северна Македонија кон сите одлуки на ЕУ за овој вид на рестриктивни мерки.

Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.

Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.

Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.

На оваа седница Владата ја разгледа и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина.

Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.