Центарот на Лос Анџелес мора веднаш да се расчисти, објави полицијата на платформата X. Соопштено е и дека на маргините на протестите во метрополата за време на викендот биле уапсени 56 лица. Шефот на полицијата Џим Мекдонел изјави: „Бројот на апсења досега не е ништо во споредба со она што допрва доаѓа“.
До раните вечерни часови во неделата (по локално време), имаше поединечни протести само во центарот на Лос Анџелес – во обем што вообичаено тешко би предизвикал големи бранувања. На маргините на овие претежно мирни демонстрации имаше и насилство, но ситуацијата вистински зовре откако американскиот претседател Доналд Трамп, спротивно на желбите на локалните власти, нареди распоредување на Националната гарда на САД, па дури и мобилизација на редовната војска. Во меѓувреме, „работите излегоа од контрола“, изјави Мекдонел вчеравечер. Тој додаде дека за да може да процени дали се потребни надворешни засилувања, прво треба да знае како точно Националната гарда ќе ѝ помогне на полицијата во Лос Анџелес за одржување на редот.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја обвинува администрацијата на Трамп за намерно провоцирање ескалација и кршење на важечките закони со цел да се прикаже како решителен претседател. Демократот, кој се смета за можен кандидат за претседателските избори во САД во 2028 година, објави дека оваа американска сојузна држава ќе поднесе тужба против владата.
Зголемените акции на американската служба за имиграција ИЦЕ, која по директивите на Трамп има за цел да апси и депортира мигранти без важечки документи, предизвикаа први протести во областа на Лос Анџелес кон крајот на минатата недела. Трамп поради тоа мобилизираше најмалку 2.000 војници на Националната гарда во саботата навечер (по локално време) и не ја исклучи можноста за ангажирање на редовната војска.
DW