Воведена тримесечна вонредна состојба во 10 турски провинции погодени од земјотресот

Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган се обрати од Државниот информативен координативен центар во врска со земјотресите што ја потресоа Туркије. Според најновите информации, 3.549 лица загинаа, а најмалку 22.168 се повредени во земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, потврди дека во регионите погодени од разорните земјотреси е прогласена тримесечна вонредна состојба.

„Имаме 3.549 загинати, 22.168 повредени. Наша најголема утеха е дека успеавме од урнатините да спасиме повеќе од 8.000 граѓани“, рече Ердоган за време на своето обраќање пред јавноста.

Тој соопшти и дека 10 области кои претрпеле најразорни последици од земјотресот се прогласени за подрачја на катастрофа која влијае на општиот живот.

„Во регионите погодени од земјотресот прогласена е тримесечна вонредна состојба. Врз основа на одлуката за тримесечна вонредна состојба бргу ќе ги завршиме процесите во Претседателството и Парламентот“, рече Ердоган.

Тој додаде дека продолжуваат акциите за пребарување и спасување на преживеаните.

„Повеќе од 53.000 спасувачи, медицински и друг персонал се активни на подрачјето погодено од земјотресите, а со помошта од странство, таа бројка континуирано расте“, рече Ердоган.

Текстот во целост на: Анадолу.

фото: Архива