Годишната стапка на инфлација во Велика Британија се зголеми на 10,1 отсто во септември, раст од 9,9 отсто колку што изнесуваше во август, покажаа официјалните податоци објавени денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бројката се врати на највисокото ниво во 40 години кое беше регистрирано во јули, поради зголемувањето на цените на храната“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за национална статистика.
Цените на храната и безалкохолните пијалаци во септември скокнаа за 14,5 отсто во однос на истиот период минатата година. Темпото на покачување на цените е најголемо од април 1980 година.
Годишната базична инфлација, без енергијата, храната, алкохолот и тутунот, во септември се покачи на 6,5 отсто, што претставува историски максимум.
На месечна основа, индексот на потрошувачките цени во Велика Британија во септември се зголеми за 0,5 отсто.
извор:Агенција Анадолија (АА).