Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која беше обвинета во случајот „Друмарина“, кој се однесуваше на патните трошоци, доби ослободителна пресуда.
Случајот го покрена поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по згаснувањето премина во рацете на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Бонева се гонеше за делото измама во службата.
„Судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Обвинението за случајот беше поднесено во септември 2020-та, а судскиот процес започна во декември истата година.
Бонева се гонеше дека во периодот од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, по што и биле исплатени над 10 илјади евра, иако имала стан во Скопје и не патувала за да присуствува на седници на Собранието.
Поранешната пратеничка, пак, ги отфрлаше обвинувањата велејќи дека станува збор за невистинито и паушално обвинение.