Израел вели дека Техеран ќе ја „плати цената“ додека нападите од двете страни ескалираат

Израел им се закани на жителите на Техеран, велејќи дека тие ќе „платат цена“ откако иранските ракетни напади ги погодија израелските градови Тел Авив и Хаифа, при што загинале осум лица.

Националните служби за вонредни ситуации на Израел соопштија дека 23 лица загинале во иранските напади врз Израел од 13 јуни, кога Израел започна воздушни напади врз нуклеарни и воени цели низ Иран поради нуклеарната програма на земјата. Иранските власти велат дека во израелските напади загинале најмалку 224 лица во истиот временски период.

Спасувачките екипи продолжија да пребаруваат низ урнатините и остатоците во северниот крајбрежен град Хаифа, откако Иран започна напади во раните утрински часови на 16 јуни во кои беа повредени повеќе од 100 Израелци, додека во Тел Авив, ракети погодија неколку станбени згради, од кои некои беа близу до американскиот конзулат.

„Жителите на Техеран ќе ја платат цената и тоа наскоро“, рече израелскиот министер за одбрана Израел Кац, обвинувајќи го Иран за намерно гаѓање станбени згради.

Израелските напади врз станбени згради во Техеран каде што се вели дека живеат високи воени членови и врвни нуклеарни научници предизвикаа паника во главниот град, а долги редици автомобили се движат од градот кон север.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаеи, на 16 јуни ги повика Обединетите Нации да „ја признаат и осудат агресијата на Израел“, обвинувајќи ги САД за соучество во нападите.

 

 

slobodnaevropa.mk