Колумбиските култивирани предели со кафе, кои во 2011 година се заведени во УНЕСКО на листата на светско културно наследство на Јужна Америка, го привлекуваат вниманието на многубројните посетители со своите пејзажи, единствени атракции и највкусно кафе, известува Анадолу.
Ова подрачје, познато и како „Триаголник на кафето“, е најпознато по одгледувањето и производството на кафе што се смета за најдобро во светот.
Колумбиските култивирани предели со кафе се дел од регионот Паис на кој му припаѓаат колумбиските департмани Калдас, Квиндио и Рисаралда, кои се најмали департмани во земјата со вкупна површина од 13.873 квадратни километри, што е само 1,2% од државната територија.
На тоа подрачје, во подножјето на Андите, се наоѓаат повеќе плантажи на кои се одгледува поголем дел од колумбиското кафе.
Веќе стотина години локалното население се занимава со одгледување кафе на мали плантажи, сместени меѓу густи шуми, во тешки планински услови.
Фотографот на Анадолу ја посети плантажата во Санта Роса дел Кабал, каде што посетителите имаат можност рачно да берат зрна од кафето арабика.
Колумбиските култивирани предели со кафе во 2011 година се заведени во УНЕСКО на листата на светско културно наследство на Јужна Америка како „извонреден пример на едноставно одржливо одгледување и производство на силна традиција што станала симбол на одгледување кафе во светот“.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.