Кон Македонија доаѓа нов влажен бран – Следуваат врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи и засилен ветер

До крајот на денов во Македонија ќе имаме зголемена облачност која на повеќе места ќе донесе повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи, како и со засилен ветер. И во Скопје денес очекуваме повремени врнежи од дожд, а во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни, а можна е  и појава на грмежи како и со засилување на ветерот.

Што се однесува до температурите, тие денес ќе бидат под просекот за средината на месец Мај и ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 18 степени, во Скопје температурата ќе достигне до околу 16 степени.

Речиси до крајот на оваа работна недела продолжува нестабилното време со повремени локални врнежи од дожд и со потпросечни температури на воздухот за средината на месец Мај. Ќе дува и ветер од југоисточен правец, кој особено Долж Повардарието повремено ќе биде и засилен на интензитет, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.

meteoalarm.mk