Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) се собираат во Варшава на 7 и 8 мај на неформален состанок на советот, а потоа, еден ден подоцна, ќе одат во Лвив во знак на солидарност со Украина додека Русија го слави Денот на победата.
Ниту еден од состаноците не е официјален совет на ЕУ, па затоа е малку веројатно дека ќе објават нешто конкретно.
Сепак, се очекува министрите за надворешни работи да иницираат формирање на специјален трибунал кој ќе истражува и ќе ја повикува Русија на одговорност за злосторствата на агресија извршени во Украина.
Специјалниот трибунал за злосторство агресија против Украина, како што се нарекува, ќе биде формализиран во Луксембург на 14 мај кога ќе се состане Комитетот на министри на Советот на Европа.
Што е Специјалниот трибунал за злосторства на агресија против Украина?
Кратко откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС)започна истрага за наводите за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид извршени од руските сили. Ова ги вклучува злосторствата што се случија на украинска територија од револуцијата на Мајдан во Киев што започна во ноември 2013 година.
Новиот трибунал би се занимавал со таканаречени злосторства на агресија, над кои МКС нема надлежност.
Тоа би бил меѓународен суд втемелен на украинска јурисдикција со таканаречен правен субјективитет според меѓународното право, украинското право и законот на земјата домаќин, што сè уште не е утврдено.
Првично се сметаше дека тоа ќе биде францускиот град Стразбур, бидејќи е официјално седиште на Советот на Европа, но трибуналот би можел да биде сместен во Хаг.
slobodnaevropa.mk