Нападите Израел – Иран се тест за Путин како можен посредник на Блискиот Исток

Израелските напади врз иранскиот нуклеарен комплекс и военото раководство одекнаа низ целиот свет, предизвикувајќи стравувања од ескалација и поширока војна во регионот.

Сепак, кампањата на заплашување и шок имаше силна резонанца и во Москва, каде што рускиот претседател Владимир Путин се позиционираше како моќен посредник во односите со Техеран.

Од Москва – Брзо и недвосмислено

Рускиот одговор на нападите беше брз и недвосмислен.

Во подолга изјава, Министерството за надворешни работи изрази „најдлабока загриженост поради опасната ескалација на тензиите на Блискиот Исток“ и го обвини Израел за кршење на меѓународното право.

„Неиспровоцирани воени напади врз суверена членка на Обединетите нации, нејзините граѓани, мирни, заспани градови и инфраструктурата за нуклеарна енергија се целосно неприфатливи. Меѓународната заедница не смее да остане рамнодушна на таквите злосторства што го уништуваат мирот и ја загрозуваат регионалната и меѓународната безбедност“, се вели во соопштението.

Министерството додаде дека времето на нападите покажува „особен цинизам“, истакнувајќи дека израелските напади биле извршени за време на седницата на Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и непосредно пред очекуваната шеста рунда разговори меѓу иранските и американските претставници за напредокот на иранската нуклеарна програма.

 

 

 

slobodnaevropa.mk