Нова студија открива дека секој петти вработен се разболува за време на одмор

Конечно викенд, неколку слободни дена или годишен одмор! А, потоа – замор, исцрпеност, болест. Боледување наместо одмор.Овој феномен, според едно актуелно истражување, го искусува секој петти вработен.

Во рамките на студијата „Leisure Sickness: исцрпени наместо одморени“), спроведена од Меѓународниот универзитет IU, речиси секој петти испитаник (19,3 проценти) изјавил дека често или секогаш доживува такво нешто за време на годишен одмор или кога имаат слободни денови (на пример за викенд). Овој феномен е доста познат: 71,9 проценти од испитаниците рекле дека веќе слушнале за него – или го доживеале.

Замор, главоболка, треска…
Терминот „Leisure Sickness“ (буквално: „болест поради слободно време“) ја опишува состојбата кога симптоми на болест одеднаш се појавуваат токму пред викенд или за време на одмор. Во Германија често се нарекува и „Ferienkrankheit“ (болест што настапува за време на одмор), но како што објаснува авторката на студијата, Штефани Андре, таа не е вклучена во официјалната меѓународна класификација на болести. Сепак, феноменот е поврзан со конкретни симптоми на болест, како што покажуваат резултатите. Замор, главоболка, дури и течење од нос и треска – се само дел од симптомите, наведува Андре.

Недоволниот одмор во приватниот живот е тема што особено ги погодува помладите генерации. Околу 40,1 проценти од испитаниците потврдиле (целосно или делумно) дека нивниот приватен живот не им обезбедува доволно одмор за да можат успешно да се справат со работните обврски. Тоа е особено изразено кај младите вработени (до 25 години): дури 50,5 проценти од нив одговориле потврдно на ова прашање.

„Се покажува дека младите генерации се погодени многу поразлично во споредба со постарите“, вели Андре, професорка по здравствен менаџмент на IU во Ерфурт, Германија.

Резултатите од истражувањето таа ги објаснува со фактот дека младите луѓе често го поминуваат слободното време пасивно – со ‘скролање’ по социјалните мрежи или гледање серии и филмови. Според репрезентативното истражување, оние кои го користат слободното време на „поактивен и посмислен“ начин поретко доживуваат „Leisure Sickness“.

Прекувремена работа и достапност во секое време
Покрај тоа, младите вработени почесто имаат чувство дека мора да бидат достапни и по работното време. Кај оние под 25 години, 42,6 проценти одговориле потврдно. Кај сите испитаници – 33,5 проценти.

А, дури 80,6 проценти од сите испитаници потврдиле дека редовно работат прекувремено. „Резултатите покажуваат дека достапноста надвор од работното време, високото оптоварување на работното место и недостатокот на одмор се главни ризик-фактори за појава на симптомите на оваа болест што се јавува токму кога некој има слободно време“, заклучува Андре.

Истражувањето е спроведено од IU во периодот од 24 јануари до 6 февруари 2025 година. Биле испитани 2.400 лица во Германија на возраст од 16 до 65 години (репрезентативно распределени според возраст и пол). Сите испитаници биле вработени.

 

 

 

DW