Бугарскиот обвинител Иван Гешев бил мета на атентат, јавуваат тамошните медиуми. На трасата по која се движела колоната со возила во кој бил и Гешев, експлодирала бомба и во непосредна близина на автомобилот со обвинителот. Инцидентот се случил претпладнево, на патот Софија-Самоков, пришто минал без повредени и жртви.
Со детали за инцидентот, но и за експлозивната направа, во јавноста излезе директорот на Националната истражна служба и заменик-главен обвинител, Борислав Сарафов. Според него, целта на поставената бомба не била само да се заплаши Гешев, туку да се убие.
„Јачината на бомбата, според пресметки на стручњаците, била еднаква на околу три килограми ТНТ. Во неа биле додадени фрагменти кои требало да дејствуваат како парчиња шрапнел. Очигледно бомбата имала намера да убие. Металните топчиња што ги најдовме беа со големина на човечки нокт“, рече Сарафов, според кого обидот за атентат бил „исклучително професионално подготвен“.
Гешев, како што објави БТВ, требало да отпатува во Турција, посета што ја откажал во последен момент, па денот го искористил за посета на настан на млади обвинители.
Пред неколку недели, бугарското Обвинителство излезе со сознанија за заговор против Гешев, со цел негова компромитација и смена од функцијата. Тој неодамна побара од претставници на владата да поднесат извештај за начинот на кој Бугарија ги спроведува санкциите на ЕУ кон Русија. За утре во Бугарија се најавени протести по денешниот обид за атентат на Иван Гешев.