ОН предупредува на „вознемирувачко“ забавување на развојот

Човештвото доживеа неочекувано и „вознемирувачко“ забавување на развојот во 2024 година, бидејќи глобалното постпандемиско закрепнување почна да губи интензитет, долго пред претседателот Доналд Трамп драматично да ја намали меѓународната помош на САД, предупреди ООН во годишниот извештај објавен на 6 мај.

Според Индексот за човечки развој на ООН, кој ги мери животниот стандард, здравството и образованието, светот се опорави од шокот од пандемијата со ковид-19 до 2023 година.

„Доколку тоа вознемирувачко забавување стане новата нормалност, постигнувањето на нивоата на човечки развој за кои некогаш се надевавме, до 2030 година би можело да биде вратено со децении назад – правејќи го нашиот свет помалку безбеден, поподелен и поранлив на економски и еколошки шокови“, предупредува шефот на УНДП, Ахим Штајнер.

Во интервју за АФП, Штајнер предупредува дека неодамнешните драстични намалувања на меѓународната помош објавени од неколку земји – пред сè од САД, каде што Трамп ги намали програмите и ја распушти агенцијата УСАИД, ќе го влошат проблемот.

„Ако богатите земји престанат да го финансираат развојот, тоа на крајот ќе влијае на економиите, општествата и да, мислам дека можеби за една или две години ќе видиме индекс на човечки развој, со понизок животен век, пониски приходи и повеќе конфликти“, рече Штајнер.

Експертите на УНДП сè уште не се сигурни за главните причини за забавувањето забележано во 2024 година. Но, тие идентификувале дека една од причините кои предизвикале забавување на напредокот во очекуваниот животен век, можеби е поврзана со несаканите ефекти од Ковид или со војните што се развиваат низ целиот свет.

 

 

slobodnaevropa.mk