Пакистан започна воена операција против Индија откако ја обвини дека истрела проектили врз три пакистански воздушни бази доцна на 9 мај. Претседателот Трамп денеска (10 мај) објави дека двете страни прифатиле прекин на огнот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Индија и Пакистан се договориле за „целосен и непосреден“ прекин на огнот по неколкудневните борби меѓу соседите со нуклеарно оружје.
„По долга ноќ на разговори со посредство на Соединетите Држави, со задоволство можам да објавам дека Индија и Пакистан се согласија на целосен и непосреден прекин на огнот“, рече Трамп во објавата на неговата платформа „Truth Social“.
„Честитки до двете земји за користењето на здравиот разум и одличната интелигенција“.
Најавата потоа беше потврдена од пакистанскиот министер за надворешни работи, иако немаше итен коментар од Индија.
Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со пакистанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Исхак Дар. Секретарот Рубио повтори дека двете страни мора да најдат начини за де-ескалација на сегашната ситуација и повторно воспоставување директна комуникација . Тој, исто така, понуди помош од САД за започнување на конструктивни разговори со цел да се избегнат идни конфликтни воени операции.
Ова го изјави портпаролката на Стејт Департменот Тами Брус по најновите воени операции на Пакистан врз две бази во Индија.
slobodnaevropa.mk