Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет вчера објави меморандум со кој му нареди на Министерството за одбрана да започне со процесот на отстранување на трансродовите војници од армијата, известува Анадолу.
„Околу 1.000 припадници на воените сили што се самоидентификувале како лица со дијагностицирана родова дисфорија (нарушување на родовиот идентитет) ќе започнат со процес на доброволно заминување“, изјави Шон Парнел, портпарол на Пентагон.
Парнел додаде дека Министерството ќе го продолжи периодот за доброволно заминување за 30 дена за припадниците на активната воена служба и 60 дена за резервистите, по што ќе се премине на процес на принудни отпуштања.
Според меморандумот, рокот за самоидентификација за доброволно напуштање на војската е продолжен до 6 јуни.
Меморандумот е објавен откако Врховниот суд во вторникот ѝ го отвори патот на администрацијата на Трамп да се спроведе политиката на Министерството за одбрана со која им се забранува на трансродовите лица да служат во војската.
„ТРАНС е надвор од Министерството за одбрана“, напиша Хегсет на платформата X.