Македонскиот поп пејач Александар Тарабунов преку својот инстаграм-профил соопшти дека вчера бил уапсен.
„Вчера вечерта бев уапсен во Битола каде што настапувава, како да сум најголем криминалец. Со лисици, со туркање во комбе ме однесоа во станица, буквално за ништо. Изрежираа дека се противам на началникот и дека немам лична карта, иако се обидов да ја покажам и заедно со сопственикот на локалот не’ држеа до 8 сабајле. Спијте мирно луѓе, нема веќе криминал, се’ е решено“, напиша Тарабунов на својот инстаграм профил.
Од МВР, пак, информираа дека денеска (20.02.2022) во периодот од 01.30 до 04.30 часот полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд спроведоа акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола.
При тоа, во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) и ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик, едно лице употребило лажен ковид сертификат и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби.
извор/фото: агенции