Косово се соочува со многу и тоа итни проблеми. Економијата е меѓу најслабите во целиот регион, луѓето масовно емигрираат, а политичкиот конфликт со Србија и натаму предизвикува голема несигурност.
Токму во таква ситуација веќе три месеци политиката е во ќорсокак – од парламентарните избори одржани на 9 февруари не само што не се формираше ново владејачко мнозинство, туку и функционирањето на парламентот е блокирано, бидејќи партиите не можат да се договорат за кандидат за претседател на парламентот.
По изборите политичарите се најдоа во пат позиција. Владејачката левичарска и националистичка партија, Самоопределување, на чело со премиерот Албин Курти освои околу 42 проценти од гласовите, односно 48 пратенички места. На другата страна е таборот од десниот центар со три опозициски партии: Демократската партија на Косово (ПДК) со околу 22 проценти од гласовите (25 пратеници), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 17 проценти (20 пратеници) и Алијансата за Косово (ААК) со седум проценти од гласовите (осум пратеници).
Косовскиот парламент брои 120 пратенички места, од кои 20 места се резервирани за малцинствата, без оглед на резултатот од изборите – десет за српското малцинство и уште десет за сите други малцинства. Според Уставот, собранието може да почне со работа дури откако ќе се избере претседател на парламентот, но токму тоа досега завршуваше неуспешно. Најсилната политичка сила, Самоопределување, ја номинираше поранешната министерка за правда Аљбуљена Хаџи за претседателка на Собранието, но дури ни во 14 обиди на гласање таа не беше избрана. Опозициските партии се против бидејќи тврдат дека таа носи „раздор“ и не е подобна за функцијата.
Без рокови и ограничувања
Актуелниот премиер Албин Курти досега безуспешно се обиде да дојде до мнозинство од 61 пратеник без партии од десниот центар. Фазата меѓу прогласувањето на резултатите од изборите и изборот на претседател на Парламентот не е регулирана во Уставот на Косово, односно за тоа не постојат правни рокови и ограничувања.
DW