Почина Волфганг Шојбле

Почина Волфганг Шојбле. Сцената ја напушти една политичка институција. Замина политичар со страст, протестантско чувство за должност и самоувереност. Човек кој никогаш не дозволил да го урнат поразите и ударите на судбината.

Волфганг Шојбле (роден 1942 година) беше нешто како во човечки лик инкарнирана политичка историја на Сојузна Република Германија – прво Западна, потоа цела Германија. Политичарот на ЦДУ беше пратеник во Бундестагот без прекин од 1972 година. Тоа е рекорд: во околу 150 години национална парламентарна историја, никој не го постигнал тоа пред него. Животот без политика беше незамислив за Шојбле. „Јас сум парламентарец со страст“, повторуваше тој постојано. Запрашан во едно интервју како се чувствува што ја обликуваше политиката во Бундестагот околу половина век, Шојбле, веројатно со палава насмевка, светкави очи и веројатно со интелектуална иронија што беше типична за него, одговори: „Од тоа може да се види колку политиката може да биде забавна“.

Волфганг Шојбле: Животот е надеж
Две пресвртни точки го обликуваа политичкиот и приватниот живот на човекот од Баден: обид за убиство во 1990 година, што го принуди да живее во инвалидска количка. Десет години подоцна мораше да се откаже од раководството на партијата ЦДУ, а со тоа и од изгледите еден ден да стане канцелар.

Синот на локален политичар на ЦДУ од Фрајбург студира економија и стана правник со докторат. Хелмут Кол, новоизбраниот канцелар, го назначи во тогашната владина централа во Бон во 1984 година. Тој стана шеф на Канцлерамтот и со тоа организатор на моќта. Никој веќе не можеше да помине покрај него. Во 1989 година, Шојбле стана министер за внатрешни работи и погоден момент го катапултираше во центарот на вниманието: по падот на Ѕидот, тој одигра голема улога во преговорите за спогодбата за обединување меѓу Сојузна Република Германија и ГДР.

 

DW