Зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе продолжат да се градат откако ќе биде направена стручна анализа од работна група која, на иницијатива на МОН, ќе ја координира Градежниот факултет на УКИМ.
Нивната изградба, во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, почна во 2015, беше запрена во 2019, а повеќе од шест години нема никаква теренска активност.
Во меморандумот што денеска (6 мај) го потпишаа првите луѓе на МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР), се предвидува формирање на тим кој ќе прави анализа за состојбата во која стојат започнатите објекти и која ќе го дефинира начинот како да се одблокира и да продолжи изградбата, како и сите наредни фази до конечна реализација на проектот.
Исто така се предвидува и изработка на финални ревидирани проекти по кои ќе продолжи изградбата, затоа што постојните се стари над една деценија. Потоа треба да почнат постапките за јавна набавка и да се избере најповолен изведувач.
Се очекува на крајот на оваа или почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта. Од расположивите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.
slobodnaevropa.mk