Јахоски излегува од притвор, Апелација ја уважи неговата жалба

Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, кој е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра.

Истовремено на обвинетиот му се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во судот.

По жалбата на Јахоски, Апелациониот суд Скопје, како што информира, постапувал на нејавна седница одржана на 6 април годинава.

„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540 евра, во денарска противвредност од 60.672.235 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија. Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост: обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението од Апелација.

 

 

slobodnaevropa.mk