Европратениците денес ја одобрија забраната за продажба на нови автомобили на бензин и дизел од 2035 година, пренесува Анадолу.
„Новата регулатива го поставува патот кон нула емисии на јаглерод диоксид за новите патнички и лесни комерцијални возила во 2035 година“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Во обраќањето на пленарната седница, холандскиот пратеник во Европскиот парламент, Јан Хуитема, истакна дека регулативата ќе го поттикне производството на возилата со нула и ниски емисии на јаглерод диоксид.
„Купувањето и возењето автомобили со нулта емисија на штетни гасови ќе стане поевтино за потрошувачите и брзо ќе се појави пазар на користени возила [со нулта емисии]. Тоа ќе го направи одржливото возење достапно до секого“, додаде европратеникот од проевропската Група за обнова.
Текстот на законот ќе треба и официјално да биде одобрен од Советот на ЕУ пред да биде објавен во Службениот весник на Блокот, со што стапува на сила, се истакнува во соопштението.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.