Комитетот за национални малцинства на Албанија, позитивно одговори на барањето на македонското друштво „Илинден“ – Тирана за поставување повеќејазична табла пред оваа институција, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, потврди за МИА, претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.
– Добивме позитивен одговор на нашето барање доставено до претседателката на Комитетот за национални малцинства, Константина Бежани, која во исто време за тоа ги информира и комесарот за заштита од дискриминација, Роберт Гајда и народната правобранителка Еринда Баланца, до кои исто така го доставивме барањето заради запознавање. Да потсетам дека баравме таблата пред институцијата да биде повеќејазична, односно освен на албански и англиски името на институцијата да биде и на македонски и на јазиците на другите национални малцинства, додаде Ѓурѓај.
Тој се заблагодарува на дадениот одговор од Комитетот и подготвеноста да постапи по теркот на комесарот за заштита од дискриминација и народниот правобранител, кои повеќејазични табли веќе има поставено пред институциите, исто така по барање на друштвото.
– Нашето друштво е регистрирано во судот во Тирана на 6 февруари 2009 година и неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанијаи и во рамки на таа мисија е и последното барање и да оценам успех, посочува Ѓурѓај.
Комитетот за национални малцинства е владин орган, во кој членуваат претставници на националните малцинства. Претседателката Бежани е претставник на грчкото малцинство, додека член на македонското национално малцинство во комитетот е Марјана Костофски.
MIA