Просечната пензија по најмалку 45 години работа во Германија изнесува 1.543 евра. Тој податок го изнесе владата во одговорот на пратеничко прашање на шефот на пратеничката група на Левица во Бундестагот, Дитмар Барч.
Разликата во пензиите меѓу мажите и жените е неколку стотини евра. Просечната „машка“ пензија изнесува 1.637 евра, а „женсата“- 1.323 евра.
Просекот на западот на земјата е поголем од просекот во бившите источногермански покраини и изнесува 1.605 евра, наспроти 1.402 на истокот.
„Срамен биланс на политиката”
Споменатиот просечен износ на пензиите, за Барч е „срамен биланс на пензиската политика во последните две децении“. Тоа што жените и источните Германија имаат далеку помали пензии, за него е знак дека „сме далеку од правен систем на пензии“. Опозицискиот политичар побара од владата „годинава како компензација да воведе вонредно зголемување на пензиите од 10 отсто за сите пензионери“. Според него, „не може министрите, државните секретари и државните службеници да добиваат 3.000 евра заради инфлацијата, а на пензионерите да им опаѓа куповната моќ“.
Полоши услови за жените
Барч побара реформа на пензискиот систем. За да се зголемат пензиите треба да се формира „пензиска каса за сите“, и тоа, според неговата замисла би било осигурување во кое придонес уплаќаат сите вработени. „И службеници, и самостојни стопанственици, и пред се пратеници и министри“.
Пензијата во Германија во просек е за 48 отсто помала од платата која ја добивал работникот. Сојузниот Завод за статистика потврди дека жените во староста се финансиски послаби од мажите. Според резултатите на истражувањето на приходите и условите за живот од 2021 година, жените постари од 65 години имаат просечна бруто-пензија од 17.814 евра годишно, а мажите- 25.407- за една третина повеќе.
Како причина за тоа се наведуваат фактите дека жените делумно работат во бранши каде платите се помали, дека често немаат полно работно време и дека почесто и подолго одат на отсуство поради деца или членови на семејството.
Притоа, цените на сместувањето, односно доплатата во старечките домови повторно „скокнаа“ на почетокот на јули. Во првата година, станарите морале од свој џеб да платат во просек 2.548 евра месечно, 348 евра повеќе во однос на средината на 2022. Главната причина за тоа е покачувањето на платите на персоналот.
DW