Стоилковски: Каде е фабриката за електрични автомобили во Тетово која доби државна помош од 43 милиони евра?

ДУИ и СДС денеска мора да одговорат каде е фабриката за електрични автомобили, откако пред точно една година направија прескапа прослава за наводен камен темелник во ТИРЗ Тетово, рече на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој потсетува дека на 13 август лани цела влада на ДУИ и СДС организираа скапа манифестација за отпочнување на градба на фабрика за електрични автомобили, со тоа што во 2024 година требаше да се возат првите коли на струја од Тетово. Димитар Ковачевски порача дека ќе се отворат 890 добро платени работни места, а по тие изјави да се налепија бројки од 3000-4000 поврзани вработувања во ТИРЗ Тетово, рече Стоилковски.

– По цела година наместо фабрика има ливада која не е ни искосена. Очекуваме и по овој прес ДУИ и СДС, Крешник Бектеши од позиција министер за економија и Јован Деспотовски од позиција Директор на ТИРЗ, повторно да тврдат дека сè тече според планот и дека изградабата на фабриката ќе почне наскоро, рече Стоилковски.

Тој побара министерот Бектеши и директорот на ТИРЗ Десподовски, како и ДУИ и СДС, да одговорат: Каде е фабриката за електрични автомобили која доби и државна помош во износ од 43 милиони евра? Ако фабриката ја нема, каде завршија околу 43 милиони евра од државната помош? Колку чинеше прославата за лагата почеток на градба, дали и за тоа пари зема омилената Арберија? Ќе признаат ли ДУИ и СДС дека фабрика за автомобили е уште една лага поврзана со ДУИ и фирми спонзори на ДУИ?

Извор: ВМРО ДПМНЕ