МНР: Двајца Македонски државјани евакуирани во камп по земјотресот во Мароко

Министерството за надворешни работи изразува сочувство за жртвите од катастрофалниот земјотрес што го зафати Мароко со епицентар во провинцијата Ал Хауз, југозападно од Маракеш.

Од МНР информираат дека нашето Дипломатско конзуларно претставништва во Каиро е во комуникација со надлежните институции во Мароко, за евентуални наши државјани во погодените региони и потреба за евакуација.

„Во нашето Дипломатско конзуларно претставништво во Каиро досега се пријавени само двајца наши државјани, кои се евакуирани и моментално се во камп во Маракеш, во добра состојба и утре вечер патуваат за Мадрид“, се наведува во соопштението од МНР.

Од МНР ги повикуваат сите државјани на Северна Македонија кои во моментот се наоѓаат во Мароко и имаат потреба од конзуларна асистенција, да се јават на дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро.

Најмалку 1.037 луѓе загинаа во силниот земјотрес што го погоди централниот дел на Мароко доцна на 8 септември, по локално време, според најновите податоци на мароканското Министерство за внатрешни работи.

Министерството за внатрешни работи на Мароко, исто така, соопшти дека најмалку 1.204 лица се повредени во земјотресот, од кои 721 се во критична состојба.

 

slobodnaevropa.mk