И покрај постојаниот пораст на бројот на писмени во светот во последните 50 години, 763 милиони луѓе, од кои огромно мнозинство се жени, сè уште се неписмени, јавува Анадолу.
Според податоците на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), иако стапката на писменост значително е зголемена, особено кај младата популација, во последните 50 години бројот на луѓе кои немаат основни писмени вештини во светот е намален за околу осум милиони оваа година.
Бројот на неписмени, според УНЕСКО, падна од 771 милион минатата година, на 763 милиони оваа година.
И покрај порастот на стапката на писменост кај младата популација, најмалку еден од секои седум млади и возрасни лица на возраст од 15 години и повеќе во светот во 2020 година е лишен од основна писменост, покажуваат податоците објавени оваа година од Институтот за статистика на УНЕСКО.
Додека речиси половина од населението е неписмено во јужноазискиот регион, оваа стапка изнесува 27 отсто за субсахарска Африка.
Додека десет отсто од светската неписмена популација живее во Источна и Југоисточна Азија, девет отсто е во Северна Африка, четири отсто во Латинска Америка и Карибите, додека четири отсто од неписмените живеат во Западна Азија.
Во однос на негативното влијание на писменоста, се наведува дека кризата поради Ковид-19 ги влошила потешкотиите со кои се соочуваат милиони деца, млади и возрасни лица во контекст на образованието и писменоста.
Важно е да се напомене дека бројот на писмени жени во светот е помал од бројот на мажи. Според податоците од последните години, околу 65 отсто од неписмената популација се жени.
Додека јазот меѓу машката и женската писменост е мал во Централна и Источна Азија, Европа, Северна Америка, Латинска Америка и Карибите, јазот во писменоста меѓу половите е поголем во Северна Африка, Западна и Јужна Азија и субсахарска Африка.
Според податоците на УНЕСКО, проценетиот удел на 10-годишните деца во земјите со ниски и средни приходи кои не знаат да читаат дури ни едноставни текстови, пораснал од приближно 57 отсто во 2019 година на 70 отсто во 2022 година.
Значителен број деца, вклучително и оние запишани на училиште, немаат основна писменост. Околу 244 милиони деца и млади на возраст меѓу шест и 18 години не можат ни да одат на училиште.
Додека околу 86 отсто од оние на возраст над 15 години во светот се писмени, оваа стапка изнесува 91 отсто за младите од 15 до 24 години.
Идејата за одбележување на Светскиот ден на писменоста се појави во 1965 година во Техеран, на Светската конференција на министрите за образование на тема искоренување на неписменоста. Светскиот ден на писменоста се одбележува на 8 септември, а на 17 ноември 1967 година е втемелен од УНЕСКО со цел промовирање на важноста на учењето и писменоста, но и освестувањето на јавноста за проблемот со неписменоста која сè уште зафаќа голем дел од светското население.
Оваа година Светскиот ден на писменоста се одбележува низ целиот свет под темата „Промовирање на писменоста за свет во транзиција: Изградба на темелите на одржливи и мирољубиви општества.“
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.