Во изминатите 32 години колку што имаме меѓусебни односи, САД издвоија речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во Северна Македонија, а гледаме епидемија на корупција во земјата, порачува американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“.
Агелер оценува дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.
Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка, како што вели, е фактот што по секое објавено ново име на т. н. „црна листа“, „никој во Северна Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.
Притоа, од јуни годинава, кога САД го ставија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата.
„Знаеме сѐ за Анѓушев“
Агелер го смета за многу позитивен чекорот на Владата која предложи предлог-закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во Македонија за секое лице кое ќе се најде на црната листа на САД. Таквото правило досега беше законски регулирано само за лица кои се наоѓаат на листите на ЕУ.
Во однос на ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа поради корупција, Агелер вели дека не се работи за сомнеж, туку за цврсти докази дека Анѓушев бил вмешан во коруптивни активности, и тоа во повеќе случаи.
„Ова не се сомнежи. Ние точно знаеме што направил Анѓушев“, вели Агелер.
Анѓушев најави дека ќе се жали на одлуката и, според информациите на Агелер, тој веќе го сторил преку свој адвокат во САД, но тоа ништо нема да смени, вели таа.
DW