Четиринаесет аеродромски работници приведени на Канарските Острови поради кражба на куфери

Полицијата на Шпанија денес соопшти дека привела 14 аеродромски работници поради ограбување на куфери на аеродромот Тенерифе Сур на Канарските Острови, пренесува Анадолу.

Властите објавија дека е вратена украдена стока во вредност од околу 2 милиони евра.

Под истрага се наоѓаат уште 20 аеродромски работници.

Полицијата се заинтересирала за овој случај откако забележала поголем број патници од популарната туристичка дестинација кои се жалат дека им е ограбен багажот.

Полицијата информираше дека открила високоорганизиран систем. Оние коишто биле вклучени наводно поставиле систем за прикривање на криминалните активности пред багажот да се натовари во авионите. Поставиле безбедносни завеси за другите да не ги видат како ги отвораат куферите и ги земаат вредните работи.

Откако од куферите ќе ги изваделе вредните предмети, главно накит, часовници, телефони, други електронски уреди и готовина, украдената стока ја ставале во скриени џебови од својата облека или ја оставале во личните шкафчиња на работа.

Полицијата вели дека во бандата секое лице било одговорно за еден дел од направениот криминал: избор на лет, криење на украдената стока, криумчарење од аеродромот, продажба на предмети, распределба на добивката и слично.

Полицијата соопшти дека пронашла 29 скапоцени часовници, 120 парчиња накит, 22 мобилни телефони, електронски производи и 13.000 во готово.

Се истражуваат 27 златарници на Тенерифе поради можност за купување на украдената стока.

Минатата година „Тенерифе Сур“ беше втор најпрометен аеродром на шпанските Канарски Острови, пречекувајќи 10,8 милиони патници.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.