Брнабиќ: Им благодарам на руските служби кои имаа информации за тоа што се подготвува во Србија и ги споделија со нас

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, коментирајќи ја ситуацијата во Србија по изборите, оцени дека „Западот има голема желба да го спроведе Мајдан во Србија и на Балканот“. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, согласен со оценката на Захарова, посочи дека не знае која би била друга целта освен Мајдан.

Руските безбедносни служби имаа информации за подготовка на немири во Србија, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во емисијата „Хит твит“ на Пинк телевизија и им се заблагодари што ги споделиле информациите со нивните српски колеги, пренесува „Политика“.

„Ова веројатно нема да биде популарно кај оние од Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да се брани Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа овие информации и ги споделија со нас“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека српските државни власти потоа ја споделиле таа информација со други претставници на меѓународната заедница, кои ја отфрлиле како руска дезинформација.

„Сите останати велеа дека тоа е дистрибуција на лажни вести“, изјави Брнабиќ коментирајќи ја утрешната средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и амбасадорот на Русија во Белград Александар Бочан-Карченко.

 

извор: „Политика“