И Владата на Мицкоски ќе гради нов Клинички центар

Прашањето за изградба на нов клинички центар во Скопје повторно се актуелизира, откако премиерот Христијан Мицкоски излезе со предлог за нова локација. Иако проектот со години беше оптоварен со политички несогласувања, идеи и блокади во минатото, сега фокусот е ставен на негово придвижување и изнаоѓање конкретно решение.

Каде ќе се гради новиот клинички центар?
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата разгледува нова локација за изградба на модерен клинички центар во Скопје, а тоа е просторот кај базенот „Борис Трајковски“. Според него, оваа локација нуди одлична инфраструктура: пристап до два булевари, близина до обиколницата и можност за приклучок на гасовод.

„Разгледуваме локација пред базенот ‘Борис Трајковски’. Таа е стратешка и може да привлече пациенти не само од државата, туку и од регионот“, изјави Мицкоски.

Сепак, клучен проблем се сопственичките односи, бидејќи земјиштето е приватно. Владата веќе води преговори за размена на парцелата, по што би следел и специјален закон за промена на намената.

План за интегриран здравствен комплекс
Според најавите, проектот не опфаќа само нов објект, туку цел здравствен комплекс. Во план е:

подземен сообраќаен премин под булеварот „Илинденска“
поврзување со болницата „8 Септември“
интеграција со ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“
Овој пристап треба да создаде функционален, модерно организиран клинички центар. Доколку процедурите завршат успешно, Мицкоски очекува веќе следната година да започнат првите активности за изградба.

Клинички центар: 20 години идеи, блокади и преговори
Изградбата на нов клинички центар повеќе од две децении е предмет на политички судири, идеи и блокади. Проектот неколкупати беше започнуван, но ниту еден не стигна до реализација.

Најконкретен чекор беше направен во 2015 година, кога владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ склучи договор со конзорциум од три компании за изградба на нова зграда во рамки на постојниот клинички комплекс „Мајка Тереза“, во вредност од околу 72 милиони евра.

По промената на власта во 2017 година, новата влада на СДСМ го раскина овој договор и се одлучи за сосема нов концепт — изградба на целосно нов клинички центар надвор од градското јадро. Во следните години, СДСМ работеше на проект за нов клинички центар, прво во Бардовци, а потоа и во Ѓорче Петров (Веле Поле), за кој беа обезбедени средства преку Банката на Советот на Европа. Сепак, и овој проект не беше реализиран, делумно поради комплексноста на проектот, високата цена и политичките несогласувања.

Проектот беше проценет на околу 420–500 милиони евра. Во тој период, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција го блокираше законот со над 2.000 амандмани. Партијата тврдеше дека проектот е прескап, дека нема готова изведбена документација, но и дека постои ризик од злоупотреби. Наместо тоа, предложија реновирање на постојниот клинички центар, изградба на нов Ургентен центар и поврзување со „8 Септември“.

 

 

DW