Средба Донмез-Бектеши: „Подготвени да го задоволиме барањето за природен гас и електрична енергија“

0
198

Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Донмез, се сретна со министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, јавува Агенција Анадолија (АА).

Донмез и неговата делегација со Бектеши се состанаа во зградата на Владата на Северна Македонија во Скопје.

Турскиот министер во средбата беше придружуван од страна на амбасадорот на Туркије, Хасак Мехмет Секизќок. Средбата беше затворена за медиуми.

Донмез по средбата даде изјава за медиумите, укажувајќи на историските и културолошките односи меѓу Северна Македонија и Туркије.

Донмез истакна дека ја одбележуваат 30. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Туркије.

Според него, секоја година дополнително ги развиваат односите меѓу двете земји.

„На средбата уште еднаш истакнавме дека сме подготвени да дадеме поддршка за зголеменото енергетско барање за развој на Северна Македонија, било преку турските инвеститори, било преку нашите државни институции. Уште еднаш сакам да нагласам дека кога ќе се создадат поволни услови, подготвени сме да го задоволиме барањето и за природен гас и за електрична енергија“, рече Донмез.

Турскиот министер за енергетика и природни ресурси истакна дека вчера во Бугарија потпишале важен договор.

Донмез рече дека турските претприемачи во Северна Македонија преземаат важни мисии и дека е даден важен придонес за нив, упатувајќи благодарност до турските претприемачи затоа што навреме ги завршиле проектите кои ги започнале.

Истакнувајќи дека наскоро со Северна Македонија ќе потпишат меморандум, Донмез рече дека во февруари ќе организираат Меѓународен самит за гас и дека го поканиле Бектеши на овој самит.

„Векот на Туркије ќе биде век на енергетиката“, нагласи Донмез, и додаде:

„Требаше да ја зајакнеме нашата инфраструктура. Во голема мера ги завршивме нашите недостатоци во инфраструктурата. Зголемен е капацитетот на нашите магацини. Во рок од две години ќе го зголемиме капацитетот во езерото Туз од 1,2 милијарди кубни метри на 5,4 милијарди кубни метри. Со овие инфраструктурни инвестиции во енергетиката, Туркије дејствува не само за да ги задоволи сопствените потреби, туку и за да ги задоволи потребите на земјите во регионот. Исто така, оттука произлегува и целта да стане центар на трговија. Разговараме со земјите снабдувачи и земјите производители. Разговарам и со земјите потрошувачи. Има позитивен пристап од двете страни. Туркије е земја со најголема потрошувачка на енергија во Југоисточна Европа. Исто така, разновидноста на ресурсите е многу голема. Рековме зошто во Југоисточна Европа, во Туркије да не биде еден од центрите на трговија како овој или слични кои дејствуваат во Западна Европа. Бидејќи овој регион е поблиску до ресурсите. Ова е можност, ова е предност. Оваа волја ја гледаме и во соседните земји. Лесно можеме заеднички да управуваме со овој пазар, со овој дистрибутивен центар.“

Во овие рамки, Донмез додаде дека Бектеши истакнал оти ќе даваат поддршка за овој проект и во најкраток рок ќе добијат резултати.

Од друга страна, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека уште еднаш се покажува на дело одличната соработка што ја имаат со Туркије.

Според него, откако почна енергетската криза, земја на која најпрво ѝ се обратиле била Туркије, поточно, Министерството за енергетика на Туркије.

Бектеши рече дека на средбата го истакнале ставот на македонската Влада дека се повеќе заинтересирани да привлекуваат што повеќе турски инвеститори во Северна Македонија:

„Посебно во делот на обновливите извори на енергија имајќи ја предвид и темата со која се соочуваме моментално, и во делот на зголемување на производството од обновливи извори на енергија. Воедно ние како Република Северна Македонија покажавме и интерес да учествуваме во секоја иницијатива на Република Туркије, иако тоа може да биде и заеднички регионален пазар во други механизми со кој ќе води Република Туркије.“

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).