Вучиќ: Девет земји го повлекоа признавањето на независноста на Косово, се чека и десеттата

0
254

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека 106 земји не ја признаваат независноста на Косово, а дека 84 земји недвосмислено ја признаваат таа независност. Додаде дека девет нови земји го повлекле признавањето на независноста на Косово, наведувајќи дека се работи за Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини, Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви – и дека се чека и десеттата земја да го стори истото, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вучиќ на годишната прес-конференција оцени дека Србија „тешко“ ќе може да се спротивстави на влезот на Косово во Советот на Европа и дека ќе се бори Косово да не влезе во УНЕСКО, оценувајќи дека тоа ќе оди „малку потешко“.

„Пред нас се тешки предизвици што се однесува до Косово. Сакавме мир, едвај успеавме да го зачуваме, не по наша вина. Никого не провоциравме ниту една секунда, освен ако некои велат дека провокација е тоа што Косово или нашите граѓани на Косово ги доживуваме како наши државјани и сограѓани, и што тоа го доживуваме како дел од нашата територија во согласност со Уставот“, истакна Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија не направила „ниту еден инцидент и ниту еден едностран потег“ и дека од Уставот и од својот народ „нема да се срами“.

Говорејќи за влезот на Косово во Обединетите нации (ОН), Вучиќ рече дека чека „да му дојдат експерти“ да му објаснат дека тоа е единственото можно решение и дека тоа е единствениот излез за Србија.

Тој истакна дека „таканаречените независни медиуми“ во Србија велат дека „Вучиќ ќе има јамка околу вратот“ ако Косово биде независно и им порача дека „таа јамка можат да ја врзат на кокошка“, но дека тешко ќе можат да ја врзат „на горд човек кој не сака да го витка ‘рбетот и да му се клања на окупаторот“.

Вучиќ нагласи дека Србија ќе ја продолжи борбата и дека „секогаш ќе сака мир“ со Албанците, дека ќе инсистира на почитување на сите пет досега потпишани договори и на Повелбата на Обединетите нации, и оцени дека Албанците и меѓународната заедница бегаат од сите тие шест документи и не можат да почитуваат ниеден од нив.

 

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).

фото: Filip Stevanovic/AA Агенција Анадолија (АА).