Во Казахстан се наоѓа еден од најголемите „рудници“ на криптовалути во светот

0
221

Казахстан е меѓу водечките земји во светот по „копање“ биткоин, иако има зголемување на даноците и ограничување на пристапот до електрична енергија кон производителите на криптовалути во текот на изминатата година, објави Агенција Анадолија (АА).

Според последниот извештај објавен од експерти од Универзитетот „Кембриџ“ во јануари 2022 година, Казахстан, кој е на третото место по САД и Кина со удел од 13,22 отсто во „копањето“ криптовалути, има околу 300 крипторудници.

За да стигнете до огромниот објект во близина на градот Екибастуз во северниот дел на земјата, треба да патувате околу 300 километри од главниот град Астана.

Не е случајно што објектот се наоѓа во Екибастуз бидејќи студената клима на ова место во зима и благата клима во лето им овозможуваат на криптокомпјутерите кои работат континуирано дење и ноќе, да работат без да се загреваат.

На вкупна површина од 15 хектари среде широка степа, каде што се преземаат строги безбедносни мерки, изградени се осум големи хангари каде што се поставени компјутери наменети за „копање“ криптовалути.

Околу 55.000 компјутери работат таму без престан за биткоини, најскапата криптовалута во светот.

Меѓутоа, оние кои за првпат влегуваат во овие хангари ги дочекува врева на која не се навикнати. Зуењето што излегува од машините, од „крипторударите“ е познато како „звукот на дигиталните пари“.

Јерсаин Нуртолеуов, директор на Одделот за хостирање на компанијата „Енеџикс“, за АА изјави дека како компанија имаат 1,3 отсто удел во глобалниот биткоин.

Тој рече дека објектот има моќ да им обезбеди на клиентите 180 мегавати електрична енергија на час: „Нашите клиенти кои го имаат поставено својот уред [компјутер] во нашиот центар за податоци, ги нарекуваме инвеститори.“

„Тие ги носат овде само своите уреди. Ние се грижиме за следните процеси како што се вклучување на уредите, нивно поврзување на интернет и обезбедување пристап до моќта на глобалната криптомрежа.“

„Со други зборови, нашата компанија е домаќин на уреди за ископување на криптовалутите и ја обезбедува основната инфраструктура за нивното работење“, нагласи тој.

Напоменувајќи дека на објектот имаат секакви можности за „копање“ биткоин, директорот напомена дека најважна од нив е непреченото обезбедување на струја и 24/7 надзор на уредите.

Тој нагласи дека вработуваат повеќе од 100 лица, за да не се оневозможи работата на ниту еден компјутер.

„Обично работат млади специјалисти за информатички технологии“, рече тој, додавајќи дека тие самите ги обучуваат овие вработени.

„Поради фактот што работат со 15-дневна смена, во рамките на нашиот објект има студентски дом и трпезарија“, рече тој.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).