Лани се затвориле 6.857 фирми, најкритично во трговијата

0
165

Минатата година не ја преживеале 6.857 компании, покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, со ажурирање до 17.1.2023 година. Ако се споредат овие податоци со 2021 година, тоа е речиси иста бројка. Во 2021 година згаснале 6.993 компании.

 Ако се сумира 2022 година, и таа беше тешка за стопанствениците. Ги снема карантините од пандемијата, но светот влезе во голема економска криза, предизвикана од висока инфлација и од недостиг на енергенти, како последица на руско-украинската војна.  Во 2021 година, по исклучително тешката 2020 година, Македонија оствари економски раст од 4 проценти и тоа беше најмал раст во регионот. За 2022 година, Државниот завод за статистика сѐ уште нема податоци за раст на БДП, но објавените податоци покажуваат дека во првиот квартал од 2022 година, во однос на првиот квартал од 2021 година, сме имале раст од 2,4 проценти, во вториот квартал раст од 2,8 проценти, а во третиот квартал раст од 2 проценти.

 Државниот завод за статистика во анкетата за деловните тенденции, што ја направи со раководителите од преработувачката индустрија, информираше дека „оценката за економската состојба на деловните субјекти во декември 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а и во однос на декември 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали“.

 Последица на ваков економски амбиент е продолжување на истиот тренд од 2021 година за затворање компании, односно се урнаа очекувањата во пресрет на минатата година за подобра деловна клима, што ќе значеше и поголемо преживување на компаниите.

 Порталот Пари направи анализа и за видот на затворени фирми, каде најмногу се затворале – во кои дејности и во кои градови.

 ВО ПЕТ СЕКТОРИ 70 ОТСТО ОД ЗАТВОРАЊАТА

 Веќе подолго време најдинамични промени се случуваат во трговијата. Таму, вообичаено, најмногу промени има и во однос на отворањето и во однос на затворањето на компании. Во 2022 година се затвориле вкупно 2.134 трговски фирми.

 На второ место по затворање се компаниите од преработувачката индустрија. Во 2022 година не преживеале 882 фирми од овој сектор.

 Со 667 затворени фирми, угостителскиот сектор е трет по ред во кој најмногу фирми ја загубиле бизнис-битката.

 Разни услужни дејности, исто така ставале клуч на врата. Минатата година овој сектор загубил 624 фирми и е четврти секторски губитник на компании.

 На петто неславно место е градежништвото. Таму се затвориле 506 фирми.

 Во овие 5 сектори, всушност, се затвориле вкупно 4.813 фирми, што е речиси 70 отсто од вкупниот број на затворени фирми во 2022 година.

 ТОП 5 дејности по затворени фирми во 2022 година

 КЛУЧ СТАВИЛЕ И 5 ГОЛЕМИ КОМПАНИИ

Според големината, најголем дел од затворените компании се микрофирми – се затвориле 6.289, или 91,7 отсто од сите затворени фирми.

 Но, меѓу затворените компании има и 5 големи фирми. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат над 250 вработени и имаат годишен приход од над 10 милиони евра.

 Затворени и се 3 средни претпријатија. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат до 250 вработени и имаат годишен приход до 10 милиони евра.

 Згаснати компании (по големина)

01.01.2022 ‒ 31.12.2022

 ВО КОИ ГРАДОВИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ЗГАСНУВАЊЕ НА ФИРМИ?

 Во 5 градови се затвориле 3.740 фирми. Тоа е 54,5 отсто од сите згаснати фирми во државава.

 Најмногу фирми, очекувано, се затворени во Скопје, и нивниот број е 2.299.

 На второ место е Битола, каде клуч на врата ставиле 411 компании, па Тетово со 385 затворени фирми, Куманово со 340, и Гостивар со 305 затворени фирми.

 ТОП 5 градови по затворени фирми во 2022 година

 ДИНАМИКА НА ЗАТВОРАЊЕ ФИРМИ

 Што се однесува до месеците, како и секогаш, со бришењето на неактивните субјекти, според закон од Централниот регистар, најмногу компании згаснале во февруари, односно тогаш се затвориле 3.321 фирма.

 Згаснати компании (по месеци)

01.01.2022 ‒ 31.12.2022

МЕСЕЦ

ЗГАСНАТИ КОМПАНИИ

Јануари

254

Февруари

3321

Март

345

Април

328

Мај

320

Јуни

 305

Јули

292

Август

259

Септември

267

Октомври

339

Ноември

368

Декември

459

ВКУПНО

6.857

 

 Целата анализа е достапна на pari.com.mk