Данска предлага задолжителна воена служба за жени

0
210

Данска предлага воената служба да биде задолжителна за жените поради растечките критики од нејзините западни сојузници за недостатоците на полето на одбраната, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Планот го соопшти вицепремиерот и министер за одбрана, Јакоб Елеман-Јенсен, во интервју за локалните медиуми.

Со порастот на тензиите во регионот од почетокот на Руско-украинската војна минатиот февруари, нордиската земја се стреми кон зголемување на својата војска.

Министерот истакна дека иако вклучувањето на жените во вооружените сили ќе ѝ помогне на земјата да ги исполни барањата на НАТО, нагласи дека нивното присуство ќе биде корисно и за војската. Моментално жените во Данска можат да се приклучат на војската доброволно, додека мажите се законски обврзани да служат најмногу четири месеци доколку бидат повикани со системот на лотарија.

Најавата дојде откако Министерството за одбрана ги објави заклучоците од полугодишниот извештај на НАТО во кој се изразува резервираност поради неуспехот на Данска да инвестира во своите воени сили во рамките на геостратешките потреби.

Министерството, за разлика од минатото, не го сподели целосниот извештај поради „актуелната безбедносна политика и руската агресија“.

Данска постави амбициозна цел за еднократно зголемување од 4,5 милијарди круни (659 милиони долари) на трошоците за одбраната со цел да достигне 2 отсто од нејзиниот бруто-домашен производ до 2030 година. Според нејзините обврски кон НАТО, Данска се очекува да формира елитна пешадиска бригада (Прва бригада) до 2032 година.

Претходно неделава, Данска се обврза да ѝ даде 19 артилериски системи, хаубици „Цезар“, од француско производство на Украина, на барање на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

 

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).