Тешка сообраќајна несреќа во Скопје – малолетник прегазил пешак

0
236

Синоќа во 20.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во 19.45 часот на крстосницата од улиците Кемал Сејфула, Александар Урдаревски и Босна и Херцеговина, патничко возило „голф 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ј. од с.Брест, скопско, удрило во пешакот Ш.Р.(71) од Скопје.

На местото на несреќата пешакот им подлегнал на повредите, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, додека возачот И.Ј. се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“.

Подоцна во текот на денот пристигна официјално соопштение од Јавното обвинителство каде што е наведено дека момчето немало 18 години, туку само 17 и управувало автомобил без возачка дозвола.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во судир со законот за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое што со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик. Без да има важечка возачка дозвола, детето на возраст од 17 години, на 27 јануари во вечерните часови, управувало автомобил „Фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето. Возејќи по улицата Босна и Херцеговина, стигнал до крстосница со улиците Александар Урдаревски и Кемал Сејфула, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место. Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор спрема детето во судир со законот, бидејќи оцени дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото“, се вели во соопштението.

извор: Обвинителство