САД: Кинез осуден на осум години затвор поради шпионирање

0
191

Кинезот Џи Чаокун во Соединетите Американски Држави (САД) е осуден на осум години затвор поради шпионирање за својата земја додека студирал на универзитет, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Официјални лица од Министерството за државна безбедност и Кинеската разузнавачка агенција го контактирале Џи Чаокун во 2013 година пред тој да дојде во САД да студира на Технолошкиот институт „Илиноис“ во Чикаго.

„По состанокот со властите во Кина, каде што престојуваше за време на зимските одмори, Џи се согласил да го посвети остатокот од својот живот на националната безбедност“, соопштија обвинителите.

Во обвинението се наведува дека Џи споделил информации со Министерството за државна безбедност на провинцијата Џиангсу за осум американски државјани со кинеско и тајванско потекло кои граделе кариера во индустриите поврзани со науката и технологијата. Испраќал податоци кои биле лажно означени како збир на прашања за приемен испит.

Џи, исто така, се пријавил во резервниот состав на американската војска во 2016 година во рамките на програма што регрутира странски државјани со вештини кои се сметаат за витални за националниот интерес. Се тврди дека Џи лажел во својата апликација и во едно интервју дека немал контакт со странска влада во изминатите седум години, изјавија американски официјални лица.

Џи беше уапсен во септември 2018 година откако се состанал со таен американски агент, претставувајќи се како претставник на кинеското Министерство за државна безбедност.

Тој имал намера да извршува работи во областа на кибербезбедноста за една од агенциите со цел да добие пристап до сите нејзини бази на податоци, вклучително и оние што содржат научни истражувања, истакнаа американски официјални лица.

Џи Чаокун (31) е прогласен за виновен по обвиненијата и осуден на осум години затвор.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).