Денеска се навршуваат 14години, од денот на формирањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана

0
100

Друштвото е регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, на Македонците во Република Албанија. За периодот од 14 години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Додаде дека МД „Илинден“- Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при унијата. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учествува на сите конгреси и поднесува резолуции, што придонесува тоа да биде рамноправен член и силен глас на македонското национално малцинство во Албанија.

-Во изминатите 14 години како претседател, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија, како и со меѓународни организации. На сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонија и низ светот, посочи Ѓурѓај.

 

vesnik.com