(ФОТО) Пецаков: Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев

0
170
Со низа настани во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“, Општина Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев и одбележува 130 години од неговата смрт.
Иако се навршуваат 130 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев останува нераскинлива врска помеѓу сегашноста и минатото и претставува светол пример, кој ни дава сила во нашите напори да обезбедиме подобро утре и поубава иднина за новите генерации.
Преку поемата „Сердарот“, Прличев го покажа патот на херојската борба што треба да ја води малиот и поробен народ за својата слобода против далеку побројниот и посилен тиранин. Во оваа творба тој успева да го внесе целиот свој емотивен восклик и закитен со ловоровиот венец да се искачи на врвот на поетската слава.
Општина Охрид, преку Одделението за култура обезбедеи две изданија на Автобиографијата на Прличев, отпечатена во Брајово писмо, кои денеска им беа предадени на Библиотеката „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид.
„Автобиографијата на Прличев е дело што поради своите квалитети заслужува да е нешто како прирачна книга за секој човек, кој што сака поблиску да се запознае интимната страна на животот на една навистина голема личност од нашето минато, голем поет и добар родољуб.“, ова во своите написи посветени на Прличев, го истакнал професорот Хралампие Полениковиќ, еден од основоположниците на историјата на македонската литература и еден од првите членови на МАНУ.
Поаѓајќи од оваа констатација, искрено се радувам што ова вредно издание од денес ќе биде достапно и за нашите сограѓани со оштетен вид, кои го ценат и вреднуваат прличевото дело.
Делегацијата на Општина Охрид положи ловоров венец на спомен бистата на Григор Прличев пред градската библиотека. Свежо цвеќе во чест на големиот поет беше положено и на неговито споменик во истоименото училиште.
Во рамки на манифестацијата, вчеравечер во Центарот за култура беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Наградата беше доделена на поетот Зоран Анчески за неговата поема „Коњски житија“.
Како дел од чествувањата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“ на која беше прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“, а се одржа и промоција на аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.
Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва со Свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ која ќе се одржи во спортската сала на училиштето.