Македонија испраќа помош во Турција

0
161

Дваесет и четири припадници на Армијата, меѓу кои и две лица водачи на службени кучиња со кучиња, 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила се испраќат за помош во Турција по силниот земјотрес што вчера ја погоди земјата.

Од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќаат 40 лица – припадници на републичките сили за заштита и спасување, со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Министерството за финансии е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.

Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

-Сочувствуваме со нашите пријатели за ужасните последици од земјотресот и ќе преземеме сѐ што е можно во напорите за спасување животи од урнатините и поддршка на настраданото население, напиша премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.

Владата вчера на вонредна седница донесе одлуката за испраќање итна помош во Турција по катастрофалниот земјотрес во којшто има голема загуба човечки животи, повредени и голема материјална штета. Според последните информации, во земјотресто животот го загубиле најмалку 4.800 лица.

sitel.mk