Во Бугарија 18 мигранти пронајдени мртви меѓу кои и едно дете во камион

0
134

Осумнаесет лица, меѓу кои и едно дете, се пронајдени мртви во напуштен камион во бугарското село Локорско во околината на Софија, информира Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

Според првичните информации, како што јавува Бугарската национална телевизија (БНТ), камионот нелегално превезувал околу 50 мигранти од Авганистан кои се криеле меѓу дрвениот градежен материјал сместен во возилото.

Засега не е позната причината за смртта на лицата, но исклучена е можноста за сообраќајна несреќа, прецизираат од МВР на Бугарија, додaвајќи дека се трага по возачите на камионот.

По добиената пријава, на местото на настанот пристигнале лекарски екипи кои констатирале смрт кај 18 лица. Според БНТ, во несреќата се повредени 34 лица, меѓу кои и пет деца. Повредените се пренесени в болница.

Министерот за здравство на Бугарија, Асен Меџидиев, изјави дека повеќето од повредените се во тешка состојба, но дека не се во животна опасност.

Страдаат од недостаток на кислород, облеката им е влажна, смрзнуваат и очигледно не јаделе со денови – рече Меџидиев.

Истрагата за смртта на мигрантите ќе ја преземе Националната агенција за истраги.

извор: БНТ