Лога го потпиша решението со кое се одбива користење на името „Иван (Ванчо) Михајлов“

0
134

Министерот за правда Кренар Лога стави попис на решението со кое се одбива како неосновано барањето за користење на името ,,Иван Михајлов” во називот на бугарскиот културен клуб во Битола. Ваквата одлука следи откако претходно негативно мислење даде и Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница, објави DW.

Во образложението за негативното мислење беше наведено дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.

„Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, се наведува во образложението.

Во членот 9-а од Законот за здруженија и фондации за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.

Комисијата за првпат заседаваше во полн состав. Претседател на Комисијата за употреба на имиња на личности е проф.др Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ. Нов член е и Евгениј Литовски-кустос, историчар во Министерството за култура.

Бугарските клубови имаа рок од три месеци да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации, според кои, здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх. Измените на Законот за здруженијата и фондациитестапија на сила на 16 ноември 2022 година. По негативната одлука на министерот за правда, на потег е Централниот регистар кој треба да ги избрише спорните здруженија.

Првиот човек на клубот, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ неодамна најави дека ќе ги искористат сите правни алатки за да ги остварат нивните права, па ако треба ќе ја тужат и државата во Стразбур.

извор: DW