Ова е „снус“ што тинејџерите го шмукаат до повраќање – „Слободен печат“ го купи во трафика на Рекорд, иако илегално се продава

0
87

Екстра-силни ќесички никотин, исто така наречени „снус“ се продаваат во проминентни продавници и на бензински пумпи во одделот за цигари, иако тоа не е легално. „Снус“ станува тренд меѓу тинејџерите, а со себе носи опасност од никотинско труење и висока зависност, објави Слободен печат.

Снус се продава во строгото градско јадро, на една од најфреквентните сообраќајници во центарот на Скопје.

Таму „снус“ е изложен заедно со цигарите. Цената е околу 300 денари, а на опаковката има череп. Името на брендот е „Killa“, а вкусот пишува дека е од боровница. Продавачот за Слободен печат кажал дека има и од цитрус, ментол и други вкусови. За „снус“ им дал фискална сметка.

Но, кога фотографијата од производот заедно со прашањата дали увозникот има дозвола да го продава овој производ ги испратиле во Министерството за економија, оттаму добиле одговор дека производот се продава илегално. Во центарот на Скопје. Во една од највидливите трафики. Го има и на бензински пумпи.

„Во конкретниот случај, фирмата НОВА ГРУП ДОО Скопје, воопшто не е регистрирана во Регистарот на производители, извозници и увозници што го води Министерството за економија. Тоа значи дека не смеат да вршат увоз на овие производи кои според законот се третираат за сродни тутунски производи. За да може да врши увоз на тутунски производи, фирмата е должна трговската марка на тутунскиот производ да ја регистрира во Министерството за економија согласно член 51 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи. Досега фирмата нема регистрирано трговска марка на тутунски производ за увоз и пуштање во промет“, ни одговорија од службата за односи со јавност при Министерството за економија.

Слободен печат разговараше со повеќе тинејџери кои потврдуваат – снус за нив не е ништо ново и е доста популарен производ. Но опасноста од снус според токсиколозите е во тоа што може да доведе до никотинско труење. Станува збор за никотински производ во тркалезни кутии спакуван во малечки ќесички. Овие ќесички содржат многу големо количество никотин и водат до висока зависност. Само една ќесичка од тие што ги купивме за потребите на овој текст, има 13 милиграми никотин. За споредба една цигара има 0.7 милиграми никотин. Значи, само една ќесичка е еквивалентна на 15 обични тенки цигари.

Текстот во целост на: Слободен печат

фото: Слободен печат