Един Гачанин – Тито, човекот што има третина удел на црниот европски пазар со кокаин

0
101

Един Гачанин (40), познат по прекарот Тито, најголемиот балкански наркобос што има холандско државјанство, неодамна беше ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави. Според информацијата објавена на службената страница на Министерството за финансии на САД, покрај трговијата со дрога во голем број земји, картелот на Гачанин се занимава и со перење пари и е тесно поврзан со организираната криминална група Кинахан, транснационална криминална организација што веќе е регистрирана и санкционирана од Министерството за финансии за нејзината улога како важна транснационална криминална организација. Гачанин е ставен на црната листа според извршниот налог 14059 за вклучување или обид за вклучување во активности или трансакции што значително придонесуваат или претставуваат значителен ризик за проширување на меѓународната трговија со нелегални наркотици или средствата за нивно производство. Понатаму, во соопштението се додава дека одлуката е донесена во координација со американската управа за борба против дрога – ДЕА, Европол и владите на Холандија, Франција и на Белгија, објави novamakedonija.com.mk.

Един Гачанин-Тито, кој Европол го смета за еден од шефовите на „суперкартелот“ што држи третина од шверцот со кокаин од Јужна Америка во Европа, е во бегство и не е познато каде се наоѓа. И американската ДЕА високо го „вреднува“ Един за трговија со дрога. Според нив, Гачанин е еден од педесетте најголеми трговци со дрога во светот. Токму затоа ја добива титулата балкански Пабло Ескобар.

Гачанин е роден во Сараево пред 41 година. Водач е на картелот „Тито и Дино“, на кој припаѓаат членовите на неговото семејство и пријателите од Босна и Херцеговина. Освен со шверц на дрога, картелот се занимава и со перење пари и тесно соработува со озлогласената ирска криминална група што ја предводи познатиот ирски боксер и криминалец Даниел Кинахан.
Во ноември минатата година беше уапсен во Дубаи во голема акција на Европол и на холандската полиција. Тогаш беше означен како еден од најголемите светски наркобосови по кои се трага со години, бидејќи неговиот прекар со години им беше познат на истражителите, но неговиот лик долго време беше мистерија.

Меѓутоа, холандските медиуми наведуваат дека тој бил пуштен од притвор на 29 декември минатата година, а околностите под кои, наводно, бил ослободен еден од најголемите наркобосови се мистерија за судството во земјата. Медиумите тврдат дека Холандија, чиј државјанин е тој, не испратила барање за екстрадиција навреме во Емиратите, но холандското обвинителство ги демантира овие информации, тврдејќи дека нивното барање за екстрадиција било одбиено.

Текстот во целост на: novamakedonija.com.mk.