Градоначалникот Пецаков дел од чествувањето на големиот македонски научник д-р Анастас Коцарев во Париз

0
78

Изминатиот викенд во Париз беа одржани неколку манифестации посветени на ликот и делото на големиот македонски онколог и научник д-р. Анастас Коцарев, по повод 133-годишнината од неговото раѓање и 92-годишнината од упокојувањето.

Чествувањата на Коцарев беа заокружени вчера со комеморативна церемонија одржана на неговиот гроб во париската општина Бонди, на која меѓу другите присуствуваа градоначалниците на Охрид, д-р Кирил Пецаков и на париската општина Бонди, Стефен Ерве, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев и членови на семејството Коцареви од Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков, го потенцираше значењето на делото на д-р Анастас Коцарев како една ретка и уникатна приказна на човек кој му подарил „големо нематеријално наследство“ на светот и најави низа иницијативи кои во координација со општина Бонди ќе се реализираат етапно, од именување улици и објекти во двете општини со неговото име, обележување на местата каде живеел и творел, до подготовки за пренесување на гробот на научникот во Охрид и отворање на музеј во неговиот роден град.

– Македонија и Франција имаат вистинска причина за уште едно поврзување и одговорност да работат на популаризација на научната оставнина на научникот, рече Пецаков додавајќи дека д-р Анастас Коцарев припаѓа на ретките граѓани на светот кои планетарно дале придонес за општото добро на сите преку нивната научна и пожртвувана работа во медицината.