Шкотска доби премиер Пакистанец

0
142

Пратениците од шкотскиот парламент денеска треба да го потврдат Хумза Јусаф за нов премиер, откако тој тесно победи во трката за наследник на Никола Старџен како лидер на Шкотската национална партија (СНП). Во понеделникот Јусаф победи двајца ривали од СНП и ја освои највисоката позиција во партијата, за да биде на чело на полуавтономната влада по потврдата во парламентот.

Тој ја презема партијата со главна цел – да внесе нов живот во препознатливата политика на СНП, независноста на Шкотска од Обединетото Кралство. 37-годишниот ќе биде најмладиот премиер од формирањето на шкотскиот парламент во 1999 година и првиот лидер на национална партија во Обединетото Кралство од етничко малцинство.

Јусаф, шкотскиот министер за здравство во заминување, освои 52,1 отсто од гласовите на изборите, додека неговиот главен ривал, министерката за финансии во заминување Кејт Форбс освои 47,9 отсто од гласовите. Тој е исто така само вториот муслиман кој води политичка партија во Обединетото Кралство, по лидерот на шкотските лабуристи Анас Сарвар.

Неговиот татко и дедо емигрирале од Пакистан во 60-тите години на минатиот век. Како член на СНП, Јусаф првпат бил избран во шкотскиот парламент во 2011 година, како 26-годишен. Тој тогаш бил најмладиот претставник во историјата на шкотскиот парламент.

Бил на доста битни функции, од министер за правда до министер за здравство и не бил поштеден од остри критики. По победата на партијата, тој рекол дека „како лидер на СНП, партијата во која се приклучи пред речиси 20 години и која толку многу ја сака, се чувствува како најсреќниот човек на светот“.