Бродовите, глисерите и скутерите ќе му пресудат на Охридско Езеро

0
134

Уште неколку месеци остануваат до септември, кога УНЕСКО треба да пресече дали Охридско Езеро, најубавиот балкански и светски бисер, ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство или, пак, ќе се најде на листата на загрозени подрачја.
Многу активности во изминатите 30 години одеа во насока на целосно девастирање на Охридско Езеро, почнувајќи од забрзаната урбанизација во заштитениот езерски појас, преку уништувањето на езерската трска, истребувањето на автохтониот рибен фонд, загадувања предизвикани со отпадни води… Една од точките за кои УНЕСКО бара итна реакција е и спречување на загадувањето на езерото предизвикано со експанзијата на голем број пловни објекти што не исполнуваат никакви еколошки стандарди.
Имено, со години на релацијата Охрид – Свети Наум сообраќаат застарени бродови, придвижувани од дизел-мотори, кои не само што со своите испусти директно ја загадуваат водата туку со бучавата влијаат и врз животинскиот свет во езерото. Ова е особено изразено во екот на летната сезона, кога во водите покрај бродовите, како поголеми пловни објекти, присутни се и многу чамци, кајчиња, глисери и неизбежните водни скутери, кои буквално го „силуваат“ езерото.
Иако визуелно Охридско Езеро лете со сите тие забавни содржини остава впечаток на голем и престижен светски туристички центар, што секако им оди во прилог на туристичките работници, сепак штетата што му се нанесува на животинскиот и растителниот свет е ненадоместлива и ако продолжи ваквиот однос, тогаш во релативно краток временски период езерото ќе ја доживее судбината на многу водни пространства што токму поради негрижата на човекот се претвориле во мртви водни базени во кои нема никаков жив свет. Најдобра потврда дека работите одат во таа насока е фактот дека пастрмката и белвицата полека ги снемува од местата каде што досега ги имаше и каде што се мрестеа, бидејќи освен од рибокрадците, рибите бегаат и од бучавата на моторите и излеаната нафта и други хемикалии во езерските води. Токму ова хемиско загадување влијае врз сиот езерски свет и ако надлежните не преземат сериозни чекори во оваа насока, без тоа да се само стратегии ставени на хартија што никогаш не се реализираат, тогаш комисијата на УНЕСКО нема да има никакви дилеми како да постапи во септември.

Земјите од регионот и пошироко веќе ги имплементираат еколошките стандарди

Во земјите од околината се чини дека одамна е изградена висока свест за тоа како треба да се заштитат природните реткости, особено реките и езерата, како и сиот животински и растителен свет во нив.
Хрватска со децении ги има заштитено Плитвички Езера така што туристичките посети по езерата се вршат со чамци придвижени со електричен погон, кои се исклучително тивки, не ја брануваат премногу водата и, што е најважно, не испуштаат никакви загадувања во езерските води. Сличен е односот и во Црна Гора, каде што секакво пловење по реката Тара е со еколошки пловила, а туристите што најмногу доаѓаат да го подигнат адреналинот спуштајќи се низ брзаците на оваа река, добиваат стриктни инструкции како за безбедносните, така и за еколошките правила, со цел да се заштитат реката и живиот свет во неа. Словенија веќе од поодамна е пример за одговорен однос кон она што ѝ го дала природата, па во заштитените водни подрачја во најголем дел сообраќаат пловни објекти на електричен погон, напојувани од соларни панели инсталирани на бротчињата.
Ваква практика за еколошки пловни објекти се применува и во други европски земји, а Европската Унија веќе работи и на рокови до кога некои водни басени ќе бидат целосно заштитени од влијанието на нееколошките пловни објекти.

Трката по профит ја засили експанзијата на пловила

Во Македонија ситуацијата е сосем поинаква, односно грижата Охридско Езеро да се поштеди од штетните влијанија на моторите со внатрешно согорување е сведена на проекти на хартија, кои никако да заживеат. На ваквиот однос на надлежните институциите реагираат граѓаните, но реагираат и стручните лица, кои предупредуваат дека ако продолжи ваквата динамика на узурпирање на Охридско Езеро со толкав број пловни објекти, тогаш целосно ќе се уништи сè што природата создавала со милиони години.
– Цел мој живот го поминав покрај Охридско Езеро и она што можам да го забележам во последните 30 години е целосна инвазија на чамци, глисери, скутери и што ли уште не. Порано од дворот на куќата ги гледав јатата риби како доаѓаат до брегот, а сега наутро, особено во летната сезона, на површината на водата забележувам мрсни дамки што ги оставаат пловилата зад себе. Рибите повеќе ги нема, се повлекоа таму каде што не се движат бродовите, но и таквите места можат да се избројат на прсти – вели Илчо Банџов од Охрид.
Тој додава дека наместо да се стави некаков ред во сообраќајот во езерото и да се регистрираат само еколошки пловила, од година на година дополнително се зголемува бројот на чамци, глисери и бротчиња, а трката по профит уште повеќе ќе ја засили ваквата тенденција.
– Сè е за пари. За пари се бродските тури, за пари е ангажманот на моќните глисери за скијање на вода и летање со параглајдер, едноставно многу луѓе добро живеат од тоа. Но на сметка на тоа, избега рибата, се намножија алгите, езерото е преполно со пластика и друг отпад, а за количеството нафта што се излева на дневна основа во езерото воопшто и да не зборувам. Треба државата да поведе сметка, да донесе закон или некаков правилник со кој во иднина ќе можат да се регистрираат само еколошки пловила, оти вака предвреме ќе го умреме езерото – заклучува Банџов.
Силна реакција за овој проблем стигна и од еколошката граѓанска иницијатива „Охрид СОС“, од каде што се согласуваат дека пловните објекти се несомнено еден од позначајните фактори за деградацијата на Охридско Езеро.
– Во моментов најкритична е транзицијата кон електрични пловила и утврдување на носечкиот капацитет. На Охридско Езеро се регистрирани над 2.000 чамци, но никој не знае колку точно и оперираат, а има и нерегистрирани – велат од „Охрид СОС“.

Охридско Езеро се движи кон точка од која нема враќање

Според нив, тукушто усвоениот Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион предвидува замена на моторите со внатрешно согорување со т.н. еколошки мотори во период од две до пет години.
– Тоа е во согласност со Студијата за валоризација на Охридско Езеро – споменик на природата, која предвидува транзиција кон електрични мотори до крајот на 2026 година и тоа за чамци и катамарани. Но во студијата не е предвидена никаква мерка за патничките бродови, а во моментов во Грашница се гради нов брод, кој со капацитет од 250 патници и мотор од 380 коњски сили, ќе биде најголемиот брод на Охридско Езеро. Комисијата за управување со светското наследство за Охридскиот Регион воопшто не го доби овој проект на разгледување. Министерството за транспорт и врски не смета дека процената на влијанието на истиот тој е негова надлежност, додека Препораката 7.l од Реактивната мониторинг-мисија од 2020 година бараше поголема транспарентност во однос на патничкиот превоз во водите на Охридско Езеро, како и можното загадување – појаснуваат од оваа граѓанска иницијатива.
Од „Охрид СОС“ истакнуваат дека влијанието на разни интересни групи поврзани со Охридско Езеро е толку силно, што она што се прави не е воопшто доволно да се заштити езерото од нееколошките пловила.
– Иако Студијата за валоризација на Охридско Езеро во својата нацрт-верзија предвидуваше забрана за глисери, тоа подоцна се смени, што веруваме е под влијание на интересни групи. Ќе бидат исфрлени само скутерите на вода, а за другите ќе има ограничување на брзината според зоните. Тоа не е доволно. Носечкиот капацитет на Охридско Езеро не е утврден, а дозволи за пловидба и понатаму се издаваат. Во согласност со Стратегискиот план за рехабилитација, колкав притисок може да издржи езерото ќе знаеме дури за две до пет години. Во меѓувреме слушаме планови за нови пловни маршрути – ја искажуваат својата загриженост од граѓанската еколошка иницијатива.
Од „Охрид СОС“ напоменуваат дека загадувањето од горивата на пловилата не е единствениот проблем, туку тоа оди рака под рака со бучавата на моторите.
– Она за што во медиумите не се зборува во врска со пловните објекти се сите други негативни влијанија, а нив ги има многу, како на пример: звучно загадување, вибрации, влијание од вештачките бранови врз литоралот, ризик од внесување алохтони видови од други водни тела. Сите тие се фактори на вознемирување со големо негативно влијание врз екосистемот на Охридско Езеро. Тоа никој не го истражува и воопшто нема никакви мерки за ублажување на негативните влијанија. Дури и со мерките на зонирање утврдени со Студијата за валоризација, кои нема да можат да бидат ефектуирани до донесување на законот за Охридско Езеро, овој проблем не се адресира сеопфатно – истакнуваат од „Охрид СОС“.
Според нив, негативните влијанија врз Охридско Езеро од пловните објекти се меѓусебно поврзани и кон нив треба да се пристапи со соодветен сет на мерки.
– Но, секако, од критична важност е нивната имплементација. Планови сме виделе многу досега, но на реализација уште чекаме, додека Охридско Езеро забрзано се движи кон точка од која нема враќање – посочуваат од „Охрид СОС“.

Треба да се размислува за замена на моторите со внатрешно согорување со
алтернативни еколошки решенија

За негативните влијанија врз езерската флора и фауна во Охридско Езеро алармираат и стручните служби и експертите.
– Во текот на последните 30 години, употребата на моторизирани рекреативни пловни објекти на Охридско Езеро значително се зголеми и веројатно е дека овој тренд ќе продолжи. Од една страна, рекреацијата се смета за една важна економска придобивка, а од друга страна може негативно да се одрази врз акватичниот екосистем – вели д-р Орхидеја Тасевска, научна советничка и директорка на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.
Таа, повикувајќи се на истражувања, објаснува дека езерата со висок сообраќај на пловила се изложени на три вида промени: физички, хемиски и еколошки.
– Физичките се случуваат поради пропелерите, моторите, високата бучава и физичкото нарушување на живеалиштата на водните организми. Горивото, маслото, средствата за чистење и заштита на чамците, во допир со водата предизвикуваат хемиски промени што доведуваат до нарушување на квалитетот на водата, зголемено внесување нутриенти, зголемена продуктивност, па, следствено на тоа, и промени во животната средина. Со оглед на тоа што водните растенија и животни имаат специфични потреби од светлина, температура, бистрина на водата, ниво на pH и други услови, физичките и хемиските промени во водната средина водат до еколошки нарушувања, односно промени во животните навики и циклуси кај водните организми: начинот и типот на исхрана, односите во синџирот на исхрана, миграциите, размножувањето, промена на плодиштата кај рибите и слично. Со самото тоа доаѓа и до промени во популациите на живите организми (намалување на бројноста на видовите, па дури и нивно исчезнување) – истакнува Тасевска.
Таа смета дека Охридско Езеро е жртва на обидите да се направи одржлив туризам, што е практика секаде во светот и проблем со кој се соочуваат повеќето заштитени подрачја.
– Одржливиот туризам е една од болните точки на многу заштитени подрачја насекаде низ светот, па така и на Охридско Езеро. Плановите за управување со водните екосистеми се соочуваат со потенцијален конфликт помеѓу промовирањето на туризмот и рекреативните активности и заштитата на екосистемот од негативните ефекти што ги носи туризмот сам по себе. При изработка на планови за управување и стратегии за развој на туризмот во регионот на Охридско Езеро, конкретно по ова прашање, прво мора да се одреди капацитетот на езерото за пловни објекти и каков тип пловни објекти треба да бидат дозволени. Поаѓајќи од фактот дека станува збор за уникатен акватичен екосистем и подрачје од светско значење, заштитено од УНЕСКО, треба да се размислува за замена на постојните мотори со внатрешно согорување со алтернативни, еколошки решенија, почитување на еколошките стандарди при регистрација на пловни објекти и поголема промоција на тивки пловила на погон на ветар, како на пример едрилиците, кои се украс на езерото од една и пријатели на животната средина од друга страна – заклучува Тасевска.

 

novamakedonija.com.mk